Германија ја проширува наплатата на патарините за товарни возила и од ова очекува дополнителни 30 милијарди евра за одржување и развој на патната и железничката мрежа.
Бундестагот во петокот ги усвои измените на законот за патарини, со кои од декември се воведува дополнителен данок за емисија на јаглерод диоксид, а од јули следната година оваа обврска ќе ја воведе и за лесни камиони со носивост над 3,5 тони.
Данокот сега го плаќаат само возилата со носивост поголема од 7,5 тони.
Дополнително, претстојните прописи ја менуваат и намената на средствата, односно дел од парите од патарините ќе одат во федералниот буџет за инвестиции во германската железничка мрежа.
Буџетот на федерацијата, инаку, собира околу половина од приходите од патарините. Годинава во буџетот за одржување на патната мрежа ќе се слеат околу осум милијарди.
Германија почна да собира патарини за камиони во фази во 2005 година. Проектот на претходните германски влади да воведат патарини и за патнички возила пропадна во 2019 година поради судир со европското законодавство.