Германската полиција спречи обид за напад врз приватниот спортски авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој се наоѓал во хангар во Арнсберг, соопшти канцеларијата на државниот обвинител.
Во ноќта од среда кон четврток, три лица биле фатени додека се обидувале да го оштетат авионот. Приведените, на возраст од 23, 28 и 56 години, влегле на аеродромот Арнсберг-Менден без овластување, но полицијата спречила какво било оштетување.
Меѓу приведените е и познатата германска активистка за климатски промени Ања Виндл. Групата „Отпор колектив“, која ја презема одговорноста за обидот, во соопштението наведува дека акцијата била дел од протест против користењето на приватни авиони во време на ескалација на климатската криза.
„Се обидовме, како дел од протестот, да го онеспособиме приватниот авион на канцеларот Фридрих Мерц. И додека климатската криза ескалира, германскиот канцелар се вози во приватен авион“, се вели во нивното соопштение.
Полицијата продолжува со истрага за инцидентот и дополнителни правни мерки против активистите.
