Најновата анализа на германскиот автоклуб ADAC за април 2026 година носи загрижувачки податоци за трошоците за мобилност во Германија. Возачите во текот на изминатиот месец се соочиле со највисоки цени на горивата откако постојат официјални статистички мерења.
Април така официјално стана најскапиот месец за точење гориво во историјата.
Возачите кои користат бензин Super E10 во просек плаќале дури 2,109 евра по литар. Уште полоша е ситуацијата кај сопствениците на дизел возила, каде просечната цена достигнала 2,263 евра по литар.
Со тоа, претходниот рекорд за дизел, поставен еден месец претходно, е надминат за речиси десет центи по литар, додека Super E10 го надмина досегашниот максимум од кризата во 2022 година.
Горивото поскапе и над 50 центи по литар
Колку силен бил овој раст најдобро покажува споредбата со почетокот на годината. Во однос на јануари, во април возачите плаќале околу 37 центи повеќе за литар бензин. Кај дизелот скокот бил уште поголем – цената пораснала за повеќе од 57 центи по литар.
Таквиот раст за само неколку месеци дополнително го зголемил финансискиот притисок врз граѓаните.
Најлош бил почетокот на април. На 7 април е забележан најскапиот ден за точење дизел од почетокот на водењето статистика, со цена од 2,446 евра по литар. Само еден ден претходно бензинот достигнал просечна дневна цена од 2,191 евра по литар, што е само малку под апсолутниот рекорд од март 2022 година.
„Австрискиот модел“ не ги даде очекуваните резултати
Една од клучните причини за оваа ситуација се поврзува со воведувањето на таканаречениот австриски модел. Според ова законско правило, воведено на 1 април, бензинските пумпи смеат да ги зголемуваат цените само еднаш дневно, точно на пладне.
Целта на мерката беше поголема транспарентност и стабилност на цените за потрошувачите. Но според податоците на ADAC, ефектот бил спротивен – од воведувањето на новиот систем, цените на горивата значително пораснале.
Цените не го следеле падот на нафтата
Особено загрижува фактот што растот на цените не го следел движењето на суровата нафта. Иако цената на нафтата во април била пониска отколку во март, а курсот на еврото во однос на доларот поповолен за увоз, нафтените компании тие предности не ги пренеле на крајните цени.
Наместо тоа, цените останале на рекордни нивоа, значително повисоки од она што би го оправдале пазарните фактори како цената на нафтата или валутните движења.
Според анализата на ADAC, новите правила засега се поврзани со општ раст на трошоците за мобилност на досега незабележано ниво.
Нови мерки ги намалија цените, но…
Од 1 мај е во сила државен попуст на горивото, со кој германската влада се обиде да го ублажи силниот раст на цените на бензинот и дизелот по почетокот на војната со Иран. Но според анализата на ADAC, нафтените компании дел од тој попуст не го пренеле на возачите.
Германија од 1 мај го намали данокот на енергенси за околу 14 центи по литар. Кога се вклучи и ДДВ, возачите би требало да имаат олеснување од околу 17 центи.
Но ADAC тврди дека тој попуст сè уште не е целосно пренесен до крајните купувачи.
Според актуелната анализа на цените, во една недела цената на бензинот Super E10 паднала за 7,8 центи, додека дизелот поевтинил за 10,5 центи. На 5 мај просечната цена на бензинот изнесувала 2,025 евра по литар, додека дизелот чинел 2,095 евра по литар.
