Претседателот на Аргентина, Хавиер Милеи, прогласи седумдневна национална жалост во чест на папата Франциско, соопшти неговиот портпарол. Папата Франциско беше извор на голема гордост за Аргентина, земја во која мнозинството од населението се декларира како католици, но и за цела Латинска Америка. Како прв папа од тој дел на светот, тој симболизираше нова фаза во историјата на Католичката црква.
Неговата смрт предизвика спонтани собири и молитви во Буенос Аирес, главниот град на Аргентина. Папата Франциско беше особено сакан поради неговата блискост со народот, неговото застапување за сиромашните и неговата борба против економската неправда – теми кои силно одекнаа во Аргентина, земја која со децении минува низ економски кризи. Но, токму поради неговите општествено чувствителни ставови, често беше во тензични односи со актуелниот претседател Милеи, со кого имаше изразени идеолошки разлики.
Милеи во неколку наврати се судри со папата. Пред да ја преземе функцијата, тој го критикуваше папата за неговите ставови за економската политика, дури и го обвини во 2022 година дека „секогаш е на страната на злото“. За време на претседателската кампања во 2023 година, тој го нарече Папата „имбецил“ кој ја брани социјалната правда, споредувајќи го со злото и ѓаволот.
Подоцна ги ублажи изјавите, а кога се сретнаа двајцата срдечно се прегрнаа. Папата го прими Милеи на приватна аудиенција во Ватикан во февруари 2024 година, ден откако го прогласи за светец на првиот аргентински светец.
По смртта на Папата, Милеј објави: „И покрај разликите кои денес изгледаат мали, тоа што имав можност да го запознаам преку неговата добрина и мудрост беше вистинска чест за мене. Се збогувам со Светиот Отец и сочувствувам со сите нас кои денес се справуваме со оваа тажна вест“.