Гордана Димитрова се повлече од Бауер БГ и Енергоинвест Трејд, Благој Димитров ги презема компаниите

По речиси две децении заедничко управување со две од водечките компании во градежниот сектор во земјава, Гордана Димитрова повеќе не е сопственичка ниту на „Бауер БГ ДООЕЛ Скопје“, ниту на „Енергоинвест Трејд“.

Со решение на Централниот регистар донесено вчера, таа е избришана од евиденцијата на сопственици на „Бауер БГ“, а целокупното основачко право сега му припаѓа на Благој Димитров. Промената следува по одлука донесена на почетокот на месецот, со која е извршена и измена на актот за основање на друштвото.

Неколку дена пред оваа промена, Централниот регистар го одобри и трансферот на сопственоста во „Енергоинвест Трејд“, каде Димитрова исто така беше коосновач. Со тоа, и оваа компанија премина во целосна сопственост на Благој Димитров, кој сега е единствен управител и основач на обете фирми.

„Бауер БГ“ е компанија основана во 2005 година со седиште во Скопје, која со текот на годините стана препознатлива по своите ангажмани на големи инфраструктурни проекти. Во 2023 година фирмата оствари приходи од над 10 милиони евра и вработуваше околу 100 лица.

Фирма со силно присуство на пазарот

Фирмата е позната по тоа што во последните години добила значајни договори за јавни набавки, особено во Општина Чаир. Според достапните податоци, „БАУЕР БГ“ и фирмата „Енергоинвест трејд“ – исто така поврзана со Благој Димитров – добиле тендери во вкупна вредност од над 15 милиони евра за различни инфраструктурни проекти.