Гори трговски центар, огнот зафатил повеќе продавници: Најмалку 6 лица загинале

Најмалку шест лица загинале во пожар кој зафатил десетици продавници во трговскиот центар „Гул Плаза“ во историскиот дел на Карачи, во јужен Пакистан, јавуваат локалните медиуми.

Делови од трговскиот центар во историскиот центар на Карачи се претворени во урнатини, пренесува Ројтерс.

Се вчитува...

Снимките покажуваат како пламенот избива од зградата додека пожарникарите цела ноќ се обидувале да го спречат ширењето на огнот во густо населениот дел на деловната зона.

Стотици луѓе се собрале околу објектот, меѓу кои и сопственици на продавници чии локали биле претворени во пепел.

Пожарот избувнал синоќа, а службите за спасување добиле пријава во 22:38 часот дека во приземјето на „Гул Плаза“ гореле продавници.

„Кога пристигнавме, пожарот од приземјето веќе се беше проширил на повисоките катови и речиси целата зграда беше зафатена од пламен“, изјавил портпаролот на спасувачката служба, Хасанул Хасеб Кан.

Патологот д-р Сумаија Сајед изјавила дека шест тела на загинати биле пренесени во Граѓанската болница во Карачи, а биле згрижени и 11 повредени лица, додавајќи дека полицијата применува „протоколи за масовни несреќи“.

Фотографии од внатрешноста на трговскиот центар откриваат обгорени остатоци од продавници и силен портокалов сјај на пламенот што се ширел низ зградата.

Локалните медиуми јавуваат дека делови од објектот веќе се урнале, а спасувачите стравуваат дека може да се сруши целата конструкција.

Причината за пожарот засега не е позната.

Полицијата соопшти дека истрага ќе биде покрената по целосното гаснење на пожарот.

Според извештаите, повеќето објекти во Карачи, како и во други делови од земјата, немаат системи за спречување и гаснење пожари, што често предизвикува голема материјална штета и човечки жртви.