ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Велес, реагира по повод последната одлука на градоначалникот Аце Коцевски да го укине превизот за учениците, и да го приклучи кон општинскиот превоз на патници. Тоа беше повод за реакција на Невенка Ѓошева од ВМРО-ДПМНЕ.
„Црното владеење на нашиот градоначалник Аце Коцевски, заедно со неговото советничко мнозинство, не запира. Од ден на ден, од седница на седница, се соочуваме со одлуки кои не му доликуваат на нашиот град, одлуки кои не им доликуваат и не се во корист на нашите сограѓани. Црното владеење и црните одлуки на г-нот Аце Коцевски и владеачкото мнозинство советници, донесоа уште една катастрофална одлука на последната седница на Советот на Општина Велес.
Овде, како опозиција и најголем коректор на власта, мораме да напоменеме, повторно и повторно, дека одлуките се носат во тотален медиумски мрак, далеку од очите на јавноста, и истото ќе го повторуваме се додека не се обезбеди потребното присуство на медиумите и нивните претставници на овие јавни седници, кои треба и мораат да бидат јавни и транспарентни.
Имено, спротивно од ветувањата на г. Аце Коцевски, дека ќе обезбеди бесплатен превоз за наставниците, истиот тој, го укина и бесплатниот превоз за учениците, и ги приклучи кон општинскиот превоз на патници.
Со оваа одлука, не само што се отежнува и усложнува превозот на учениците до нивните училишта, згора над се, се става под знак прашалник и нивната безбедност. Тие слегуваат на најблиските, неадекватни постојки до нивните училишта, од каде треба да преминат по две или три улици за да стигнат до нивните училишта. Тоа е уште една, дополнителна грижа за родителите на овие деца“, рече Ѓошева.
