Свет

Грабеж во Лувр: Една жена е обвинета и приведена, мажот осомничен е ослободен

Грабеж во Лувр: Една жена е обвинета и приведена, мажот осомничен е ослободен

38-годишна жена беше обвинета за соучество и денес беше притворена, додека еден маж беше ослободен без обвинение, во истрагата за неодамнешниот грабеж на музејот Лувр во Париз, кој привлече светско внимание и чиј украден накит сè уште се води како исчезнат.

Жената, уапсена во среда во областа на Париз заедно со уште четворица осомничени, беше обвинета за соучество во организирана кражба и заговор за извршување кривично дело и беше притворена по барање на париското обвинителство.

Сепак, втор осомничен беше ослободен од притвор во петок без обвинение, изјавија неговите адвокати денес за АФП.

Париското обвинителство денес соопшти дека неколку осомничени во истрагата за спектакуларниот грабеж, во кој беше украден накит проценет на 88 милиони евра, ќе бидат испрашани од судија во текот на денот.

Меѓу осомничените уапсени во среда беше и осомничен член на бандата кој го изврши грабежот на 19 октомври за помалку од осум минути, изјави париската обвинителка Лор Бекуо во четврток.

Таа додаде дека ДНК доказите го поврзуваат со грабежот.

Другите уапсени лица „можеби ќе можат да ни дадат информации за тоа како се одвивале овие настани“, рече обвинителот.

Во вторник, на 25 октомври, беа уапсени двајца мажи на возраст од 30 години, осомничени дека се дел од бандата што го извршила грабежот.

Еден од двајцата, уапсен на аеродромот во Париз, се подготвувал да патува за Алжир.

Двајцата мажи, на возраст од 34 и 39 години, беа формално обвинети и притворени во среда навечер.

Обвинителката ја нагласи својата решеност, како и онаа на стотиците вклучени истражители, да го вратат украдениот накит и да ги фатат сите сторители.

Сепак, таа во четврток призна дека украдениот накит сè уште не е пронајден.

Обвинителката рече дека се истражуваат „голем број паралелни пазари“ бидејќи е малку веројатно украдените предмети да се појават на легалниот пазар на уметност.

Случајот предизвика широка дебата и коментари за безбедноста на Лувр, најпосетуваниот уметнички музеј во светот.

Француската министерка за култура Рашида Дати во петокот ги откри првичните наоди од административната истрага за безбедноста на музејот, нудејќи многу критична оценка.

Таа посочи на „хронично, структурно потценување на ризикот од упад и кражба“ во Лувр, „недоволна безбедносна опрема, несоодветно управување и целосно застарени“ протоколи за реагирање на кражба и упад.

На денот на грабежот, четворица сторители успеаја да паркираат камионски кран во подножјето на музејот, а двајца од нив го искористија за да се искачат до горната галерија што ги содржеше француските крунски скапоцености.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни