Повлекувањето на 5.000 американски војници од Германија, кое го најави претседателот Доналд Трамп, ќе има разорен ефект врз заедниците во кои се наоѓаат американските бази, изјави денес градоначалникот на Рамштајн-Мизенбах, Ралф Хехлер. Во овој град во југозападна Германија се наоѓа воздухопловната база Рамштајн, седиште на американските воздухопловни сили во Европа.
Вашингтон сè уште не соопштил на кои воени бази ќе се однесува повлекувањето, но Хехлер смета дека ваквиот потег, кој следува по критиките што германскиот канцелар Фридрих Мерц ги упати оваа недела во врска со војната во Иран, би можел да има „катастрофално“ влијание доколку меѓу нив е и Рамштајн-Мизенбах.
Тој објасни дека, заедно со семејствата на војниците, повлекувањето би можело да опфати и до 12.000 луѓе. Општината се грижи за инфраструктурата за големиот број Американци што живеат таму. „Ако замине голем дел од населението, тоа за нас ќе претставува тежок економски удар“, изјави градоначалникот.
„Откако ќе исчезне економската моќ, таа обично никогаш повеќе не се враќа“
Во општината Рамштајн-Мизенбах, која се наоѓа веднаш до огромната база на американските воздухопловни сили, живеат речиси 8.000 Американци со своите семејства. Економското влијание на американското воено присуство во Рамштајн изнесува повеќе од две милијарди долари годишно, вклучувајќи плати, кирија и договори со локални компании.
Хехлер истакна дека други градови во регионот, од кои американските сили се повлекле по крајот на Студената војна, никогаш не се опоравиле од тој удар. „Тие и денес ги чувствуваат последиците. Откако ќе исчезне економската моќ, таа обично никогаш повеќе не се враќа“, рече тој.
Податоците на американската војска од април покажуваат дека во Европа моментално се стационирани околу 86.000 американски војници, од кои приближно 39.000 се во Германија. Бројот редовно се менува, делумно поради ротации и воени вежби.
