Градоначалникот на Кочани: Не ни е убаво на душата, но тоа е реалноста – од технички аспект направивме максимум, но поводот е многу трагичен

Голем број посетители од земјава и од странство присуствуваа на настаните организирани во Кочани во чест на загинатите и повредените во трагедијата во дискотеката „Пулс“, поради што во градот речиси и да немало слободни сместувачки капацитети, изјави градоначалникот на Влатко Грозданов во гостување во Отвореното студио на 4ТВ.

Тој посочи дека општината ја презела организацијата на настаните како израз на благодарност кон сите кои помогнале по трагичниот настан, но и како начин да им се оддаде почит на починатите деца.

„Ни беше обврска да го организираме настанот како оддавање почит кон починатите деца. Работевме многу напорно речиси два и пол месеци – јас, вработените во општината и организацискиот одбор“, рече Грозданов.

Тој истакна дека од технички аспект настаните биле добро организирани, но емоциите кај сите присутни биле силни и тешки.

Во рамки на одбележувањето, во саботата била одржана молитва во црковниот храм Црква Свети Георгиј, каде богослужбата ја воделе поглаварот на Македонска православна црква – Охридска архиепископија, Стефан и брегалничкиот владика Иларион.

Во неделата, пак, биле организирани повеќе активности посветени на жртвите и повредените, на кои присуствувале посетители од различни места.

„Кога им оддававме благодарност на странските и на нашите лекари, имаше измешани емоции. Тоа беше настан кој тешко може да се опише со зборови“, нагласи Грозданов.

Денеска, како што додаде, била одржана и комеморација во чест на прерано загинатите деца, која, според него, никого не оставила рамнодушен.

„Не ни е убаво на душата, но тоа е реалноста. Од технички аспект направивме максимум, но поводот е многу трагичен“, истакна градоначалникот.