Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас се надева дека утре ќе го посети Киев и во таа насока ќе разговара за ситуацијата во Украина на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург, јавија АНА-МПА и БТА. Дендиас ова го изјави по денешното пристигнување на состанокот на министрите за надворешни работи.
Министрите во оваа фаза ќе разговараат за ситуацијата во Украина. За мене ова е исклучително важно бидејќи се надевам дека утре ќе одам во Киев, изјави Дендиас.
Посетата на шефот на грчката дипломатија на Украина неколку пати беше одложувана. Тој првично требаше да го посети Киев на 6 октомври, а потоа на 15 до 16 октомври, на средба со претседателот Володимир Зеленски и министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба.
На 16 октомври Дендиас во интервју за весникот „Вима“ изјави дека планира во блиска иднина да го посети Киев, доколку дозволат условите.
„Ова ќе биде моја трета посета на Украина од почетокот на воените дејствија, бидејќи веќе двапати бев во Одеса“, рече шефот на грчката дипломатија. Посетите се реализираа во април и јули.