ЦЕНИТЕ на струјата во источна и јужна Европа нагло пораснаа во текот на летото поради високата побарувачка и украинскиот увоз, предупреди грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, барајќи од Европската комисија да го подели товарот на снабдувањето и да ја поддржи изградбата на прекугранична инфраструктура.
Од април до август, големопродажните цени на електричната енергија во Грција се зголемија повеќе од двојно, скокајќи од 60 евра за мегават час на 130 евра за мегават час, се вели во писмото на премиерот Киријакос Мицотакис до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Поскапувањето во голема мера е резултат на регионални фактори, посочува Мицотакис, со образложение дека слично поскапување на струјата е забележано и во Хрватска, Бугарија, Романија, Унгарија и другите членки на ЕУ.
„Има регионална криза“, заклучува грчкиот премиер. Според него, ценовниот шок може да се објасни со повеќе фактори, меѓу кои се многу високите температури, проблемите во производството и во прекуграничните капацитети и слабите врнежи во текот на зимата.
Јаз во цената
Фактот што Украина стана значаен нето увозник на електрична енергија поради руските напади на електричната мрежа е дополнителен товар за нашиот регион, објаснува тој. Украинскиот недостиг од снабдување го покриваат земјите од ЕУ, но шокот не ги погоди сите земји во иста мера, предупредува грчкиот премиер.
Во нормални услови цените во земјите на релација од Чешка до Грција обично се слични и на почетокот на годината просечната месечна цена на струјата во земјите од регионот се разликувала само за неколку евра, пишува грчки премиер.
Летово разликата се зголеми и за некои часови таа изнесуваше повеќе од 100 евра за мегават час кај соседните земји. „Во екстремен случај, цената на струјата во Унгарија достигна 940 евра за мегават час, додека во соседна Австрија беше 61 евро за мегават час“, вели Мицотакис.
Уште позагрижувачки е сложениот и нејасен систем, кој е загатка дури и за експертите, нагласува тој, предупредувајќи дека владите „не можат убедливо да им објаснат на граѓаните зошто цената на струјата што ја плаќаат толку ненадејно се зголемила“.
Трансфери и интерконектори
Тој се заложи за поголема координација и планирање на регионално ниво, тврдејќи дека ЕУ мора да ја преземе регулативата бидејќи одлуките на ниво на поединечни земји не се од голема корист кога цените на електричната енергија се „обликувани од настани оддалечени стотици или дури илјадници километри“.
Потребно ни е посебно решение и за украинскиот увоз, нагласи тој. „Ако трансферот на електрична енергија во ЕУ не е доволен, влијанието на извозот во Украина ќе го почувствуваат само некои земји“, пишува Мицотакис.
Тој побара и изградба на интерконектор за комплетирање на внатрешниот пазар на ЕУ. „Локалниот метеж може да зафати поширок простор, така што секоја прекугранична точка е прашање од општ интерес и овој факт треба да влијае на нашето планирање и унапредување на прекуграничните капацитети“, заклучува тој.