Гренланд му одговори на Трамп за болничкиот брод

Гренланд соопшти дека не му е потребна медицинска помош од други земји, отфрлајќи ја понудата на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, да испрати болнички брод во таа регија, над која претходно изрази желба да воспостави американска контрола.

На својата социјална мрежа Truth Social, Трамп во саботата наведе дека, во соработка со гувернерот на американската сојузна држава Луизијана, Џеф Ландри, кого го именуваше за посебен претставник за Гренланд, САД ќе упатат болнички брод на островот.

„Работејќи со фантастичниот гувернер на Луизијана, Џеф Ландри, ќе испратиме голем болнички брод на Гренланд за да се згрижат многу луѓе кои се болни и за кои таму не се води грижа“, наведе Трамп, додавајќи: „На пат е!!!“

„Од нас ќе добиете ‘не, благодарам’“, порача гренландскиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен на својата страница на Фејсбук.

„Идејата на претседателот Трамп да испрати американски болнички брод овде на Гренланд е примена на знаење. Но ние имаме јавен здравствен систем во кој здравствената заштита е бесплатна за граѓаните“, додаде Нилсен.

Во последните месеци Трамп го обнови интересот за воспоставување американска контрола над Гренланд, наведувајќи загриженост за националната безбедност во врска со Русија и Кина. Тој се закани со санкции кон европските земји што би се спротивставиле на тој потег.