Грција го суспендираше ЕЕС-системот за Србија

Со приближувањето на летната туристичка сезона, повторно во фокус се наоѓа новиот систем за влез и излез од Европската Унија – EES (Entry/Exit System), кој се очекува да донесе промени во граничните процедури за патниците од земјите надвор од ЕУ.

Иако засега нема официјална одлука за негово целосно суспендирање за граѓаните на Србија, се очекува Грција да примени привремени практични прилагодувања во текот на летните месеци, со цел да се намалат гужвите на границите.

Генералниот конзул на Србија во Солун, Јелена Вујиќ Обрадовиќ, изјави дека иако не постои официјален документ за суспензија, постојат неформални уверувања и договори за олеснување на примената во периодот на најголем туристички сообраќај.

Според нејзините изјави, во периодот од 1 јуни до 30 август се очекува системот да се применува флексибилно за српските државјани, особено во часовите со најголем прилив на патници.

Во пракса, тоа би значело поедноставени контроли и намалена примена на биометриски процедури, со цел да се зачува проточноста на сообраќајот и да се избегнат долги задржувања.

Причината за ваквите размислувања е фактот што новиот систем веќе во почетната фаза покажал дека може да предизвика подолги чекања на граничните премини, што претставува значаен предизвик за земји како Грција, кои бележат голем туристички прилив во лето.

Во меѓувреме, и туристичкиот сектор во регионот реагира на можните последици од новите процедури. Туристичката комора при Сојузот на стопански комори на Македонија упати барање до Министерството за туризам на Грција за привремено одложување на примената на системот за македонските државјани во периодот од 1 јуни до 1 септември 2026 година.

Од секторот предупредуваат дека примената на ЕЕС во шпицот на сезоната може да доведе до значителни застои на границите, со чекања од повеќе часови, што би можело да влијае и врз туристичките аранжмани и резервации.

Сите овие иницијативи и најави укажуваат дека практичната примена на новиот систем ќе биде внимателно прилагодена на реалните сообраќајни и туристички текови, особено во периодите на најголем притисок на граничните премини.