Балкан

Грција со нова дигитална мапа за опасната риба зајак: Еве каде е забележана

Грција со нова дигитална мапа за опасната риба зајак: Еве каде е забележана

Во пресрет на шпицот на туристичката сезона, грчките власти преземаат дополнителни мерки за информирање и заштита на капачите поради сè почестата појава на опасната риба зајак (Lagocephalus sceleratus) во нивните крајбрежни води. За таа цел е објавена интерактивна дигитална мапа на „Гугл“, преку која може да се следи каде досега е регистриран овој инвазивен вид.

Мапата ги прикажува сите локации на кои е забележана рибата, која важи за сериозна закана поради смртоносниот токсин што го содржи. Lagocephalus sceleratus природно живее во тропските води на Индискиот и Тихиот Океан, а во последните години се прошири и во западниот Медитеран, како и долж бреговите на Израел, јужна Турција и Кипар.

Во Грција првите примероци биле забележани во југоисточниот дел на земјата, во близина на Родос, Крит и Додеканезите, а денес овој вид е распространет речиси низ целото Егејско Море и во делови од Јонското Море.

Експертите предупредуваат граѓаните и туристите да не ја допираат рибата доколку ја забележат, додека рибарите се советуваат во никој случај да не ја користат за исхрана, бидејќи токсинот што го содржи не се уништува ниту по термичка обработка.

Поради сè поголемиот број пријави и штетите што ги предизвикува врз морскиот екосистем и риболовната опрема, грчкото Министерство за земјоделски развој и храна воведе пилот-програма за поддршка на професионалните рибари. Со неа, за секој килограм уловена риба зајак се исплаќа субвенција од 5,33 евра.

Паралелно со тоа, на неколку популарни плажи во регионот Евбеја се поставуваат пловечки заштитни бариери, со цел да се намали ризикот од контакт меѓу капачите и опасната риба и да се обезбеди побезбедно летување за туристите и локалното население.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни