Поранешниот премиер на Македонија, сега азилант Никола Груевски, веќе два месеци е во бегство. Од Владата велат дека додека Јавното обвинителство не излезе со информации , тие нема да откриваат детали како се случило бегството.
„Владата и МВР се одлучни дека ќе ги почитуваат законите и дека нема да дозволат извршната власт да ја нарушува истрагата што ја води Јавното обвинителство, што беше редовна пракса во минатото“, велат од Владата во испратеното соопштение до медиумите.
Во соопштението појаснуваат дека согласно надлежностите и процедурите, со реконструкцијата на бегството и укажувањата на помагателите, базирани на основани сомневања, поткрепени со докази, прво треба да излезе Јавното обвинителство.
Груевски за сега не се знае на каков начин и кога точно ја напуштил Македонија. Судот констатираше дека не е дома на 9 ноември кога судскиот курир три пати на адресата од личната карта се обидуваше да му го достави решението за пријавување во Шутка.
Обвинителкара Вилма Рускоска во интервју изјави дека направени се ненамерни грешки со кои не е спречено бегството на поранешниот премиер.
