Иако пред една година вети дека нема да бега од државата туку ќе победи на следните избори, поранешниот премиер Гуревски не го одржа зборот. Избега од државата, а за ова ниту една од институциите не понесе одговорнот. Иако судот му изрече казна од 2 години, Гуревски не се појави во „Шутка“. Полицијата го бараше во неговиот стан во Скопје, но таму го немаше. Никој не знаеше каде се наоѓа. Го бараа во катни каражи, багажници на автомобили, а потрагата беше прекината кога самиот се јави на фејсбук порачувајќи дека е во Будимпешта.
Вината за бегството со месеци си ја префрлаа судот, СЈО и МВР.
Во меѓувреме се појавија многу теории за тоа како ја напуштил државава. За институциите несомнено е дека Груевски излегол преку Албанија кон Црна Гора, а потоа преку Србија се упатил до Унгарија.
Обвинителството се уште има отворено предистражна постапка, но до денес резултат нема.
Премиерот Заев за германски весник изјави дека Груевски се сокрил во багажник на автомобил и така бил пренесен во Албанија, каде го чекало унгарско дипломатско возило. Но, оваа изјава на Заев, повторно преку Фејсбук ја демантираше Груевски. Иако партијата каде што беше премиер се оградува од него, го прашавме членот на Извршниот комитет Никола Мивецки дали кога ќе дојдат на власт размислуваат да донесат закон за амнестија, кој би го опфатил и Никола Груевски.
Фотографијата на Груевски се уште стои во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, но и на веб страната на МВР со потерница. Груевски најпрвин беше пријавен како азилант, но сега според фотографиите и видеата кои можеме да ги видиме ужива во Будимпешта. Доби унгарски документи, а дури и се појави и на избирачкиот список на последните локални избори во оваа европска земја.