Македонија

Гусар: „Системот не е апстракција – одговорни се конкретни луѓе за пропустите во случаите на насилство“

Гусар: „Системот не е апстракција – одговорни се конкретни луѓе за пропустите во случаите на насилство“

Адвокатката Марта Гусар во емисијата Ноќно студио на 4TV упати сериозна критика кон институционалниот одговор на случаите на семејно насилство и фемициди во Македонија, оценувајќи дека зад фразата „системот е виновен“ често се крие избегнување на индивидуална одговорност.

Според неа, системот не е некаква апстрактна структура, туку мрежа од луѓе со конкретни функции и овластувања.

„Навикнати сме да кажеме дека системот е крив, но тој систем не лебди над нас. Го сочинуваат луѓе со име и презиме кои се назначени на позиции и треба да постапуваат. Кога институцијата не реагира, тоа значи дека конкретно лице не ја завршило својата работа“, истакна Гусар.

Таа предупреди дека зад институционалните пропусти честопати стојат политички влијанија и неформални врски кои го блокираат функционирањето на механизмите за заштита.

Серија пријави без реакција

Гусар се осврна и на случајот со семејното насилство врз Ивана и нејзината малолетна ќерка, каде, како што посочи, постоела јасна хронологија на пријави во декември, јануари и февруари, но институциите не направиле соодветна проценка на ризикот.

„Ако имате пријави три месеци по ред, а никој не презема ништо, мора да се постави прашањето зошто. Кај нас политиката е влезена во сите сегменти на животот и не е исклучено да имало некаква заштита за лицето“, рече адвокатката.

Таа предупреди и на ширењето непроверени информации во јавноста со кои, како што рече, се прават обиди за дискредитација на жртвите.

„Целосно непостапување“ на институциите

Осврнувајќи се на трагедијата во која мајка и дете го загубија животот по пад од зграда, Гусар оцени дека станува збор за пример на сериозни институционални пропусти.

Според неа, и покрај присуството на полицијата и медицинските служби, не бил активиран интервентниот тим, ниту бил известен Центарот за социјални работи или надлежен јавен обвинител.

„Имаме ситуација каде сите присутни се дел од механизмот за заштита, а никој не мрднал со прст. Ако лицето било добро познато на службите по бројни пријави, тогаш уште понејасно е зошто никој не реагирал“, нагласи Гусар.

Таа посочи и на конфузијата со информациите од институциите, кои во јавноста излегувале со различни и контрадикторни изјави.

Насилството нема пол

Во разговорот, адвокатката отвори и тема која ретко се споменува – мажите како жртви на семејно насилство. Според неа, во пракса постојат случаи на сериозно насилство врз мажи, но тие ретко се пријавуваат поради страв од потсмев и недоверба во институциите.

„Имав случај каде човекот од страв се заклучуваше дома. Кога маж ќе се обрати во Центар за социјална работа, честопати не го сфаќаат сериозно. Кај нас е срамота маж да пријави насилство“, вели Гусар.

Таа нагласи дека насилството не треба да се третира низ призма на пол, туку низ професионална проценка на ризикот за секоја жртва.

Според адвокатката, без јасна одговорност и без функционални механизми за проценка на ризикот, институциите ќе продолжат да реагираат дури кога трагедијата веќе ќе се случи. „Сè додека не почнеме да ги именуваме одговорните, ќе продолжиме да зборуваме за систем кој никој не го чувствува како свој“, заклучи таа.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни