Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, смета дека Русија го прекршила територијалниот интегритет и суверенитет на Украина со признавањето на двата отцепени региони на источна Украина како независни „држави“, изјави неговиот портпарол Стефан Дујарик, цитиран од Ројтерс.
„Обединетите нации, во согласност со релевантните резолуции на Генералното собрание, целосно го поддржуваат суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина, во меѓународно признатите граници на земјата“, рече портпаролот.
„Генералниот секретар ја смета одлуката на Руската Федерација како повреда на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, што не е во согласност со принципите на Повелбата на ОН“, додаде портпаролот.
Францускиот претседател Емануел Макрон вчера ја осуди одлуката на неговиот руски колега Владимир Путин и повика на „прецизно насочени европски санкции“ против Москва. Макрон повика на „итен состанок на Советот за безбедност на ОН“ и го осуди „едностраното кршење на меѓународните обврски на Русија и нарушувањето на суверенитетот на Украина“.