Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, информира утрово Автомото сојуз на Македонија (АМСМ).
Според АМСМ, интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Забележана е поголема фреквенција на возила на граничниот премин Табановце за влез во земјата и на граничниот премин Богородица за излез, каде времето на чекање изнесува околу 30 минути до еден час. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез.
Сепак, граѓани на социјалните мрежи сведочат дека утрово меѓу два и три часа се потребни за да се поминат двете пасошки контроли кон Грција на граничните премини Богородица и Дојран.
АМСМ препорачува прилагодување на брзината, почитување на сообраќајната сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на делниците низ котлини, речни долини и клисури, каде постои можност од појава на одрони. Ова посебно важи за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.