Популарната веб-страница за возрасни Pornhub е под притисок откако хакерите се заканија дека ќе објават податоци за активностите на Premium корисниците, за кои тврдат дека ги добиле за време на упад во системот од трета страна.
Според BleepingComputer, група хакери познати како ShinyHunters тврди дека имаат околу 94 GB податоци, со повеќе од 200 милиони записи, поврзани со активностите на корисниците со Premium сметки. Податоците наводно вклучуваат информации за пребарувања, гледани и преземени видеа, како и технички податоци како што се временски ознаки и локација.
Pornhub изјави дека неговите внатрешни системи не биле компромитирани, но дека инцидентот е поврзан со платформата за аналитика Mixpanel, која компанијата претходно ја користела. Pornhub наведува дека соработката со платформата не е активна од 2021 година и дека податоците се постари.
Како што се нагласува, лозинките, информациите за плаќање и кредитните картички не биле изложени на ризик, ниту пак корисничките сметки биле компромитирани. Сепак, според достапните информации, хакерите се обиделе да изнудат пари заканувајќи се дека јавно ќе ги објават украдените податоци.
Групата ShinyHunters е веќе позната на безбедносните експерти по претходните напади и кражбите на податоци од големи размери, а овој случај повторно ги отвори прашањата за безбедноста на податоците што компаниите ги доверуваат на трети страни, како и за заштитата на приватноста на корисниците.