По изгласаните четирите уставни амандмани со кои ќе се промени уставното име на Република Македонија во Република Северна Македонија по стапување во сила на Договорот од Преспа, честитка пристигна и од Еврокомесарот за Проширување Јоханес Хан.
„Овој историски договор става крај на 27-годишен спор меѓу две земји. Исто така тој испраќа важна порака до целиот регион, дека долготрајните конфликти можат да се надминат со неопходна политичка храброст и со фокусираност на иднината наместо на минатото.
Затоа им честитам на политичките водачи на двете земји за нивната визија и решителност. Вам, граѓаните би сакал да ви го порачам следново: Сега ви е целосно на дофат стратешката цел која некои ја сметаа за незамислива европска иднина, со подобар квалитет на живот, повеќе стабилност и просперитет.
Договорот од Преспа ќе донесе конкретни придобивки за сите граѓани. Го трасира патот кон Европската Унија и отвора можност за прекугранична соработка со Грција и сите други соседи, што ќе доведе до економски раст.“