Балкан

Херојска борба на пожарникарите кај Омиш: „Ми се плаче кога го гледам ова“

Херојска борба на пожарникарите кај Омиш: „Ми се плаче кога го гледам ова“

По непреспиена ноќ и беспоштедна борба со огнената стихија кај Омиш, на теренот останаа само умор, пепел и тага. Повеќе од 200 пожарникари ја поминаа ноќта во пеколниот обрач, бранејќи ја секоја куќа, објект и човечки живот, а многумина од нив буквално се срушија од исцрпеност.

Искусните противпожарни командири истакнуваат дека не паметат вака разорна моќ на пожар.

„Сè беше подготвено, но видовме страшен пожар – гореа куќи, возила, угостителски објекти, маслинарници. Вакво нешто во мојата кариера сè уште не сум доживеал“, изјави главниот противпожарен командир Славко Туцаковиќ.

Неговите зборови ги потврдува и командирот на Оперативното подрачје Омиш, Вишеслав Пешиќ, кој нагласува дека пожарот во исклучително кратко време постигнал огромна брзина и направил голема штета, додека противпожарните екипи се бореле за секој еден објект.

Емоциите и тагата од размерите на катастрофата не можеше да ги сокрие ниту командирот на ЈВП Сплит, Иван Ковачевиќ:

— Десетици пожарникари побараа плакнење на очите. Ми се плаче кога го гледам сето ова. Работиш цела ноќ и го даваш максимумот, направивме сѐ што можевме, но кога утрото ќе ги сумираш сите штети – толку изгорени куќи и автомобили… Сето тоа длабоко нѐ боли — рече Ковачевиќ.

Меѓу пожарникарите има и повредени

Во борбата со огнот неколкумина пожарникари се повредени, но се надвор од животна опасност. Според зборовите на Славко Туцаковиќ, уште во првите минути од пожарот дошло до силна експлозија (најверојатно на плинска боца) во која еден пожарникар добил повреда на ушното тапанче, на друг му е повредено окото, додека третиот се наголтала со чад.

Пред новата ноќ ситуацијата на пожариштето е под контрола, но пожарникарите, поучени од тешкото искуство, остануваат во висока подготвеност бидејќи борбата со последиците и санирањето на теренот сè уште траат.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни