Зголемување на субвенционираниот студентски оброк бара Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени, кој смета дека актуелниот износ не е усогласен со растот на трошоците за живот. Според неговите пресметки, студентите во моментов треба да добиваат по 165 денари дневно, а од 1 јануари 2027 година сумата треба да се зголеми на 172 денари.
Во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ, Ходаи посочи дека висината на субвенцијата треба редовно да се усогласува со инфлацијата, наместо да се утврдува преку различни пресметки или политички договори.
„Според инфлациската стапка, моментално, денеска што зборуваме, треба да биде 165 денари, додека од 1 јануари, за усогласување со инфлациската стапка за 2026 година, треба да биде 172 денари“, изјави Ходаи.
Тој нагласи дека надлежните институции треба да ја почитуваат законската обврска и да обезбедат соодветни финансиски средства за студентите, со цел висината на субвенционираниот оброк да ја следи реалната промена на цените.