Холандската влада втора година по ред ја забрани употребата на пиротехнички средства за време на новогодишната ноќ на 31 декември, поради зголемениот број на заразени со корона вирусот.
Забраната има за цел да спречи, колку што е можно повеќе, дополнителен притисок врз здравствената заштита, полицијата и оние кои прво реагираат, соопшти денеска холандската влада, пренесе АП.
Бројот на лица третирани од пиротехнички повреди падна за 70 отсто минатата година, соопшти владата, што е добредојдено олеснување за холандските болници кои се веќе преплавени со пациенти со Ковид 19.
Подготвен е пакет парична помош за продавачите на пиротехнички средства кои по втор пат беа погодени од забраната.
Во Холандија пиротехниката се продава само пред новогодишната ноќ, кога луѓето традиционално излегуваат на улица и ги користат околу полноќ.