Вирусот Ковид-19 им го скрати правото на глас на лицата кои се лекуваат во болнички услови. Од Министерството за здравство известуваат дека во земјата има вкупно 401 заразено лице со корона вирус или за кои постојат сомнежи дека се заразени кои се лекуваат во болнички услови, а од нив само 6 се деца.
„Само во Скопје има 203 заразени лица со Ковид-19 кои не можат да гласаат, тие се хоспитализирани во три болници. Во Клиниката за заразени болести има 92 пациенти со Ковид-19, во ГОБ „8 Септември“ има 88 пациенти, а во Болницата „Козле“ 23“, истакна репортерката на ТВ21.
Од ДИК за ТВ21 велат дека Изборниот законик не познава и не дозволува гласање на лицата кои се во болниците или во здравствени заводи. Иако сме во услови на пандемија, не постои можност лицата кои се хоспитализирани да го реализираат своето право на глас.
„Изборниот законик правото за гласање тесно го поврзува со адресата на живеење и во случајот со пријавување на лица за реализирање на правото на глас, како лицата заразени со КОВИД-19, тие мора да ја напишат адресата каде ќе гласаат. Може да биде различна адреса од таа во документите за идентификација, но мора да биде во рамките на општината која пишува во лична карта“, посочи Адмир Шабани.
Инаку, правото на глас им е скратено и на лицата кои станале позитивни по 8 јули, кога заврши пријавувањето во ДИК за лицата кои се заразени.
.