Хрватска и Финска, како и Холандија и Канада, добија пилот-проекти за развој на дигитални пасоши на мобилни телефони, чија крајна цел е користење на најновите технологии за олеснување на патувањето и подобрување на безбедноста на патниците, објави хрватскиот весник Јутарни лист.
Хрватските граѓани ќе бидат меѓу првите во Европската унија кои ќе можат да користат дигитален пасош во својот дигитален паричник на својот мобилен телефон.
Дигиталниот патен документ ќе им овозможи на граѓаните, на пример, однапред да го најават своето пристигнување во некоја земја, а со тоа да го минимизираат времето поминато на граничните премини.
Проектот во Хрватска го спроведуваат МВР и Агенцијата за комерцијални дејности /АТД/, од каде објаснуваат дека се работи за проект од голем обем, во кој допрва следува развој и бројни тестови, што е и причина што Европската комисија одобри финансирање во износ од речиси 2,3 милиони евра.
Хрватските граѓани користат електронски пасош од 2009 година, чија безбедност во моментов се заснова на проверка на автентичноста на личните податоци во физичка и електронска форма. Тоа значи дека дигитализираните податоци зачувани во чипот за пасош се идентични со печатените податоци во хартиениот пасош. Исклучок се биометриските податоци.
Како што објаснуваат во АКД, пилот-проектите што ќе ги спроведуваат Хрватска и Финска, како и Холандија и Канада, имаат за цел да имплементираат дигитален пасош, чија виртуелна компонента е поврзана со електронскиот пасош, т.е. содржи делумна копија од биографските и биометриските податоци на лицето во електронската патна исправа.
Ова ќе овозможи идентификација на патниците само врз основа на виртуелната компонента на дигиталниот пасош, пишува „Јутарни лист“.