Балкан

Хрватски борбен авион „Рафал“ пресретна патнички авион поради сомнеж за поставена бомба

Хрватски борбен авион „Рафал“ пресретна патнички авион поради сомнеж за поставена бомба

Хрватски борбен авион „Рафал“ утринава пресретнал патнички авион на финската авиокомпанија „Финер“ (Finnair), по добиена информација за можна експлозивна направа во леталото. Патничкиот авион, кој сообраќал од Хелсинки кон Рим, бил придружуван до италијанската граница.

Според информациите, станува збор за авион од типот „Ербас А320“, кој во 8:34 часот влегол во хрватскиот воздушен простор, во регионот меѓу Чаковец и Вараждин.

Поради пријавена потенцијална закана, односно сомнеж дека во авионот има поставена бомба, била издадена наредба за итна интервенција. Хрватскиот борбен авион полетал од воената база и во 8:41 часот го пресретнал патничкото летало во областа меѓу Јастребарско и Карловац.

По пресретнувањето, „Рафал“ го придружувал авионот до границата со Италија, каде што надзорот го презеле италијанските воздухопловни сили. Авионот на „Финер“ го напуштил хрватскиот воздушен простор во 8:54 часот.

Операцијата била спроведена по наредба на Здружениот центар за воздушни операции на НАТО во Торехон, Шпанија, во рамки на мисијата за надзор и заштита на воздушниот простор „Air Policing“.

Ова е второ пресретнување на патнички авион од страна на хрватските борбени авиони годинава. Претходно, „Рафал“ пресретнал и патнички авион од типот „Боинг“, регистриран во Малта, кој исто така бил означен како потенцијална закана.

Од 1 јануари 2026 година, Хрватска самостојно го надгледува и го штити својот воздушен простор со борбените авиони „Рафал“, како дел од интегрираниот систем за противвоздушна и противракетна одбрана на НАТО.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни