Интернет-страницата archcy.com, во изминатите 11 години, организира натпревар за најружни изградби во Кина, а овој натпревар постигнува солидна популарност благодарение на експериментите на домашните и меѓународните архитекти.
Оваа година во игра се 87 згради, меѓу кои има и верски храм со изглед на виолина, како и хотели во облик на големи бабушки.
Инаку, Кина со години е „експериментална почва“ за архитектите, па така во Пекинг може да се види зградата на националната телевизија, која Кинезите на шега ја нарекуваат „големите“ пантолони бидејќи изгледа како нозе.
Меѓу натпреварувачите оваа година се и стаклениот мост „Добредојдовте во пеколот“, кој поврзува две планини во Сечуан со по две масивни статуи на луѓе во традиционална облека на краевите, голема порта во паркот Јунан која наликува на Триумфалната порта во Париз, додека пак во недовршениот тематски парк Хебеи една зграда „ги поврзува“ истокот и западот, па така едната половина личи на кинески храм, а другата – на американскиот Капитол хил.
Според организаторот, целта на натпреварот е да се поттикне општествената одговорност на архитектите.
Националната комисија за развој и реформи во месец април забрани изградба на „грди згради“, а ова не е првпат властите да се обидат да донесат „правилник“ за тоа како треба да изгледаат зградите.
Минатата година се издаде и документ кој што објаснува како да се зајакне архитектурата во кинеските градови, што ги исклучува „големите згради со чуден стил кои се губиток на ресурси“.
Студенти од Универзитет Жеџијанг во источна Кина пак, се пожалија на големата јужна порта на установата која е изградена со помош од некогашни студенти. Оваа порта се состои од шест столба и пет лакови, а студентите велат дека таа не одговара на намената и ја предложија да биде „најгрдото“ архитектонско достигнување годинава.
Портата досега собра 8.739 гласови и засега се наоѓа на врвот на годинашната листа на најружни зданија.
