Свет

И ТОА Е МОЖНО: Жена од Аргентина се излекува од ХИВ

Медицинското списание „ЈАМА“ за интерна медицина објави дека жена од градот Есперанца, североисточна Аргентина, се излечила од ХИВ.

Во написот се додава дека ова е втор документиран случај во кој некој успеал да го искорени овој смртоносен вирус од своето тело.

Се вели дека елиминацијата на вирусот е исклучиво благодарение на нејзиниот имунолошки систем, односно без земање лекови, терапија со матични клетки или други експериментални третмани.

Истражувачите од Аргентина и Масачусетс (САД) собирале примероци од крвта на пациентката од 2017 до 2020 година, внимателно набљудувајќи ја ДНК-та.

Овие испитувањата ги водел д-р Ксу Ју од Институтот „Рагон“ при Општата болница во Масачусетс.

„Ова ни дава надеж дека човековиот имунолошки систем е доволно силен за да го контролира ХИВ и да ги елиминира сите функционални вируси. Времето ќе покаже, но веруваме дека (пациентката самата) достигнала стерилизирачки лек“, рече Ју.

Според нив, истражувачите сè уште не се сигурни како телото на пациентката успеало да се ослободи од ХИВ вирусот.

„Веруваме дека тоа е комбинација од различни имунолошки механизми – веројатно се вклучени цитотоксичните Т-клетки, па вродените имунолошки механизми можеби помогнале“, додаде Ју.

Единствениот познат случај на пациент кој сам се излекувал од ХИВ, досега е 67-годишна жена од Калифорнија, а исто така познати се и двајца пациенти кои биле излечени од ХИВ со третмани со матични клетки.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни