И во пандемија, „Илинден“ ќе се слави – комисијата даде зелено светло, но со посебно утврдени протоколи

Следува продолжен викенд и три неработни денови поради празнувањето на Илинден, а четири за верниците од муслиманска вероисповед поради Курбан Бајрам. Но, нема најава за карантин иако бројот на новозаболени од коронавирус е во пораст.

Пандемијата нема да ја одложи прославата на Илинден во Крушево. Организаторите најавуваат дека традицијата ќе продолжи, но со скратена програма и почитување на мерките.

„Годинава го славиме Илинден веќе 117 година по Илинденското востание. Илинден ќе го славиме како и секоја година достоинствено, онака како што прилега и на градот и на државата, бидејќи знаеме што значи Илинден и Илинденско востание. Донесена е одлука на Влада кој ќе присуствува во Крушево и веќе работи на подготовки и припреми за прославата“, истакна Томе Христоски.

Од страна на Комисијата за заразни болести дадено е одобрение за организирање на празникот, но појаснуваат дека сето тоа ќе биде според претходно утврдени протоколи.

„Комисијата дозволи да се одржи прослава на Илинден, но нема да биде како во изминатите години. Нема да биде тоа масовна прослава, туку на организаторите им ги дадовме протоколите како да го организираат настанот. Бројот на учесници ќе биде многу помал, а останатите мерки се веќе оние кои постојано ги препорачуваме“, посочи Александар Стојанов.

Епидемиологот Стојанов за Фактор вели дека од исклучителна важност е носењето заштитни маски, без разлика што прославата е на отворено на Мечкин Камен, како и одржување на социјалното растојание.

„За се имаме дадено протоколи, важно е да се почитуваат, само така нема да имаме проблеми и нема да се зголемува бројот на нови заразени со корона вирусот“, додаде Стојанов.

Илинден оваа година ќе се одбележи по 117-ти пат, а делегација на Владата во Скопје ќe ја предводи претседателот на Владата, прославата во Крушево ќе ја предводи претседателот на Собранието, а прославата во Пелинце ќе ја предводи и ќе се обрати претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

.

Извор: ТВ21

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното