Иако блокирани сметки на газдата, центрите за дијализа функционираат без проблем

Иако сметката на Ристо Новачевски, сопственикот на центрите за дијализа – Диамед е блокирана, работата на центрите за дијализа не е доведена во прашање, истакна министерот за здравство Венко Филипче. Тој рече дека веројатно станува збор за други сметки што се замрзнати.

„Мене ми се јавија некои вработени од центрите за дијализа  затоа што прочитале и беа загрижени. Но проверивме, и ниту една сметка кај нас не се блокирана. Веројатно станува збор за некои други сметки. Дијализните центри функционираат онака како што треба“, изјави Филипче.

Два месеци откако екс премиерот Никола Груевски ги испразни сметките, истото го сторил и неговиот кум Ристо Новачевски. Македонските власти ја блокирале сметката на Новачевски, но задоцниле, бидејќи тој веќе префрлил 11 милиони евра во Монако, наводно пари од продажбата на неговата фирма. Од Основното јавно обвинителство информираат дека доставиле барање до Монако да ја замрзнат сметката на Новачевски и дека ќе ангажираат и нивен обвинител во истрагата.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција од оформувањето на предметот во врска со доделувањето на концесијата за центрите за дијализа во Република Македонија, презема низа активности за расветлување на случајот.

Во рамките на постапката, надлежниот јавен обвинител во изминатиот период, дојде до сознанија дека правното лице – концесионер на центрите за дијализа е отуѓено, а финансиски средства во значителен износ се префрлени на сметки во Монако. Преку меѓународна правна помош доставено е барање до Кнежевството Монако за запирање на извршување на финансиски трансакции на сметките на кои се префрлени пари од продажбата на правното лице во износ од 11 милиони евра“, се вели во соопштението на ЈО.

„Диамед“ Македонија започна да стопанисува со девет центри за дијализа во 2010 година, кога го доби тендерот на 20 години. Неодамна фирмата „Диаверум“ влезе на македонскиот пазар и ја презеде фирмата „Диамед“ која ќе биде на чело на центрите за дијализа до 2034 година.

Репортер: Данче Азманова

Извор: ТВ21