Милош и Елена, млад брачен пар од Битола, започнале со одгледување тутун во Прилепскиот регион откако добиле известување дека нивниот киоск ќе биде отстранет од централното градско јадро по 31 декември годинава. Закупиле три хектари земјиште, со надеж дека земјоделството ќе им обезбеди посигурна егзистенција, објави МРТ.
Првата производствена година им донела значителни вложувања. Плаќале за работници, орање, садење, сушари и закуп на просторот за сушење на тутунот. Поради тоа, Милош не очекува голема добивка од првиот род, но планира да вложи во сопствена механизација.
„За наредна година ќе земам моја механизација, мој трактор, мои машини, сè и се надевам дека ќе биде поголема заработка“, вели Милош.
Тој објаснува дека тутунот го избрале бидејќи го сметаат за најисплатлив, но предупредува дека високите трошоци и недостигот од работници го отежнуваат производството.
„Сè е скапо, почнувајќи од нафта, од работници, од сè. Тешко се наоѓаат работници, прави работници“, посочува тој.
На младите што започнуваат земјоделски бизнис им се потребни практични совети за организирање на производството и за неговата економска одржливост.
Од АПРАЗ велат дека интерес кај младите постои, но нивниот број сè уште не е доволен во однос на потребите на македонското земјоделство. Оттаму ги информираат за субвенциите, националните програми и ИПАРД фондовите, како и за подготовка на бизнис-планови и пресметка на исплатливоста на инвестициите.
Советодавната поддршка опфаќа и избор на земјоделска култура, заштита на растенијата, пласман, продажба и преработка на производите.
„Младите се отворени кон современи технологии, дигитализација и примена на нови знаења во производството“, велат од АПРАЗ.
Според нив, младите најчесто се подготвени да започнат сопствен земјоделски бизнис кога имаат пристап до земјиште, семејно стопанство, финансиска поддршка и можност за сигурен пласман.