Прашањето за внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав беше отворено на заедничката прес-конференција на премиерите Христијан Мицкоски и Еди Рама на Ќафасан. Мицкоски порача дека станува збор за внатрешно прашање на државата, додека Рама рече дека не би си дозволил да ѝ кажува на македонската влада или на македонскиот народ што треба да направат.
Рама беше прашан за своја претходна изјава за внесувањето на Бугарите во Уставот, како и дали Албанија, доколку стане членка на ЕУ пред Македонија, би го блокирала нејзиниот европски пат поради ова прашање.
Албанскиот премиер рече дека секогаш бил гласен поддржувач на приближувањето на Македонија кон Европската Унија. За претходната изјава објасни дека станувало збор за одговор на прашање од бугарски новинар, поврзано со барањето на Софија и со претходен договор.
„Никогаш не би си дозволил да ѝ кажам на македонската влада или на народот во Македонија, на македонскиот народ, што треба да направи“, порача Рама.
Мицкоски, пак, оцени дека делови од изјавите се издвојуваат без да се земе предвид поширокиот контекст. Тој рече дека Македонија е свесна за реалноста и дека конструктивно нуди решенија за надминување на предизвикот.
„За да еден процес биде позитивен, потребна е доверба, а доверба се гради на работи и проекти кои што нè поврзуваат“, изјави Мицкоски.
Како пример го наведе Коридорот 8, кој ги поврзува Албанија, Македонија и Бугарија. Според него, треба да се работи на проекти што ги зближуваат државите, со почитување на нивните внатрешни прашања.