Фалсификувана играчка Labubu се повлекува од европскиот пазар поради ризик од задушување кај децата, како и прекумерни количини на штетни соединенија.
Европскиот систем за размена на информации за небезбедни производи на единствениот европски пазар (RAPEX) нареди повлекување од полиците и уништување на лажните кукли од глобално популарниот бренд Labubu.
Имено, плишаните кукли во форма на чудовишта со метален прстен можат да предизвикаат задушување или алергиски реакции на хемиски супстанции.
„Производот има мал дел што лесно може да се одвои (металниот прстен). Мало дете би можело да го стави во уста и да се задави. Покрај тоа, пластичниот материјал на играчката содржи прекумерна концентрација на бис(2-етилхексил) фталат (DEHP) и дибутил фталат (DBP) (измерени вредности до 0,02% и 1,64% по тежина, соодветно). Овие фталати можат да му наштетат на здравјето, предизвикувајќи евентуално оштетување на репродуктивниот систем“, предупредува Rapex, како што објави tportal.
Тие додаваат дека производот не ги исполнува европските стандарди и одредбите од Директивата на ЕУ за безбедност на играчки. Патем, производител на предметните играчки е Pop Mart, а утврдено е дека се фалсификувани. Земјата на потекло е Кина.
Rapex нареди повлекување од полиците и уништување на „мечињата“ наречени Swan Have a Seat.