Македонија

Илиевски се огрешил од Адеми, Антикорупциска се оградува, Инспекторатот презема мерки

Комисијата за спречување корупција се оградува од жалбата на инспекторот, Ѓорѓи Илиевски во врска со напредувањето на јавни функционери. Антикорупција се прогласи за ненадлежна да одлучува по овој предмет. Според нив, пристап до инспекциски надзор за напредувањето на министерот за образование Арбр Адеми, заменик-министерот на МВР, Агим Нухиу и директорот на Заводот за индустриска сопственост, Сафет Емрули, имаат само високите просветни институции и Просветниот инспекторат.

По одлуката на Антикорупциска, веднаш со реакција се јави и инспекторот Илиевски. Вели дека комисијата не требала да чека четири месеци за да донесе ваква одлука и уверува дека станува збор за политичка замка.

Министерот за образование, Арбр Адеми, вели дека наводите на Илиевски против него се тенденциозни. Адеми наброја уште неколку предмети на Илиевски кои по претходен инспекциски надзор биле одбиени од Просветниот инспекторат.

Според антикорупционерите, сегашната инспекциска постапка треба да се направи согласно новиот Закон за високо образование, а наодите треба да се третираат според законот кој бил на сила во моментот кога биле откриени. Инаку, второстепената комисија за надзор, констатирала дека нема прекршок во случајот со напредувањето на министерот за образование, Адеми, заменик-министерот на МВР, Агим Нухиу и директорот на Заводот за индустриска сопственост, Сафет Емрули. По ова, предметот ќе се врати и повторно ќе се разгледува во Просветниот инспекторат, кој пак, против инспекторот Илиевски, кој во јавноста ги откри информациите околу незаконското напредување во наставно-научни звања на Државниот универзитет во Тетово, покрена постапка за утврдување дисциплинска одговорност.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни