Илон Маск работи на „Тесла Бот“ – еве за што станува збор

Компанијата на Илон Маск, гигантот „Тесла“ следната година ќе претстави нов прототип на човековиден робот, кој ќе се вика „Тесла Бот“.

„Тесла Бот“ ќе биде висок 172 сантиметри и тежок околу 56 килограми, а ќе биде опремен со вештачка интелигенција, како и сет сензори што се користат во електричните возила произведени од компанијата.

„Ако размислите, „Тесла“ е веќе најголемиот производител на роботи во светот, бидејќи нашите автомобили изгледаат како полуинтелигентни роботи на тркала. Би било логично технологијата развиена од компанијата да биде преточена во човековиден облик“, посочи Маск.

Прототипот на „Тесла Бот“ ќе биде изработен од лесни материјали, а наместо лице, роботот ќе биде опремен со монитор за корисни информации.

Со 40 активатори, уредот ќе се движи со брзина од осум километри на час и ќе може да крева предмети со тежина до 20 килограми.

„Тој мора да биде пријателски настроен“, вели Маск.

Тој нагласи дека првиот „Тесла Бот“ ќе биде дизајниран да „извршува и сложени и здодевни задачи“, па дури и да пазарува, по потреба.