Британската медицинска сестра Луси Летби беше прогласена за виновна за убиство на седум бебиња.
Таа ги убила бебињата со вбризгување воздух помеѓу јуни 2015 и јуни 2016 година, кога работела во болница во Честер, јавува Би-Би-Си.
Летби, којa има 33 години, беше прогласенa за виновна и за обид за убиство на уште шест бебиња во породилиштето.
Таа користела различни методи, како намерно вбризгување воздух во нив, насилно хранење со млеко и труење со инсулин.
Таа убила пет момчиња и две девојчиња. Жената се соочила со вкупно 22 обвиненија, а била прогласена за невина по две точки од обвинението.
Поротата беше неодлучна по обвиненијата за обид за убиство на уште четири бебиња.
33-годишната девојка, по потекло од Херефорд, ги отфрли сите 22 обвиненија против неа, тврдејќи дека смртта на бебињата се должи на хигиената во болницата и слабо обучениот персонал.
Поротата на Крунскиот суд во Манчестер расправаше вкупно повеќе од 110 часа. Таа ќе биде осудена во понеделник.
„Во нејзините раце, безопасни материи како воздух, млеко, течности – или лекови како инсулин – станаа смртоносни. Она што го научи на училиште и на факултет, таа целосно го изопачи и се вооружи со опасниот занает да предизвикува штета, тага и смрт. Повторно и повторно и постојано им нанесуваше штета на бебињата, во средина која требаше да биде безбедна за нив и нивните семејства“, рече обвинителот Паскал Џонс.
Таа додаде дека „родителите биле изложени на нејзината морбидна љубопитност и нејзиното лажно сочувство“.
„Премногу од нив дојдоа дома во празни соби што ги опремуваа за бебиња. Нејзините напади беа целосно предавство на довербата што и беше дадена“, рече Џонс.
Тимот за одбрана на Луси Летби тврдеше дека смртните случаи биле резултат на сериски грешки во грижата за бебињата и дека таа била жртва на систем кој сакал да ја префрли вината на неа.