Индустриското производство во Македонија во март 2025 година е зголемено за 5.2% во споредба со истиот месец лани, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Најголем раст бележи секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, со зголемување од 12.9%, а веднаш зад него е Преработувачката индустрија со пораст од 4.8%. Секторот Рударство и вадење на камен пак, бележи пад од 1.5%.
Во рамки на преработувачката индустрија, зголеменото производство доаѓа од:
- Производството на тутунски производи,
- Хартија и производи од хартија,
- Хемикалии, метали, електрична опрема,
- Како и моторни возила, приколки и полуприколки.
Според главните индустриски групи:
- Производството на енергија пораснало за 13.8%,
- Интермедијарни производи скокнале за 24.3%,
- Но е забележан пад кај капиталните производи за 8.4%, трајните за широка потрошувачка за 8.6%, и нетрајните производи за 3%.
За првите три месеци од годинава, индексот на индустриското производство изнесува 102.0, што значи дека во просек индустријата бележи благ раст од 2% во однос на истиот период во 2024 година.
