На официјалната страница на Инспекторатот за употреба на јазиците објавена е информација за средба на кафе со меѓу директорот на институцијата, Арсим Идризи, со заменик-министерот за образование Дритон Сулејмани.
„Секогаш е задоволство да разговарате со човек со кого го започнавме нашиот политички пат пред повеќе од една деценија. Но, пред сè, најголемото задоволство е кога и по толку години, кај еден човек остануваат непроменети човечноста, искреноста и почитта“, се наведува во објавата потпишана од д-р Арсим Идризи.
Објавата е придружена и со фотографија од Идризи и Сулејмани во угостителски објект.

Она што останува нејасно е во какво својство била одржана средбата и каква врска има нивниот заеднички „политички пат“ со работата на Инспекторатот за употреба на јазиците. Во текстот нема ниту збор за контроли, спроведување на законските надлежности, употребата на јазиците во образовниот систем или за конкретна институционална иницијатива.
Ваквиот начин на комуникација отвора прашање дали официјалните канали на државните институции треба да служат за информирање на јавноста за нивната работа или за промовирање лични и политички релации на функционерите што раководат со нив.
Особено проблематично е што политичката блискост се истакнува токму преку официјален профил на институција која треба да постапува професионално и институционално, независно од партиските биографии и личните односи на нејзините раководители.
Во објавата нема информација дали средбата резултирала со конкретен договор, заклучок или активност од интерес на граѓаните. Наместо тоа, пораката завршува со констатацијата дека „времето менува многу нешта, но вистинските вредности остануваат“.