Поврзи се

Македонија

Интервју со Ѓорѓија Џорџ Атанасоски

Published

on

Ѓорѓија Џорџ Атанасоски еден од економски најуспешните македонци во Светот, по потекло од село Марул кој во 1970 година ја започнува својата професионална и животна одисеја преку Атлантикот, во САД. Финансиер на првиот светски неделник Македонско Сонце и на телевизијата Сонце која од 2008 година доби концесија за национална сателитска телевизија. Од осамостојувањето на Македонија се занимава со политика, а е долгогодишен лидер на политичката партија Македонска Алијанса. Покрај успешниот бизнис јавноста го познава како донатор и човек кој ја финансира изградбата на првиот споменик на Александар Македонски, изграден на територијата на Република Македонија. Атанасоски е добитник на медалот на честа „Елис Ајланд“ кој им се врачува како признание на американците кои дале значителен придонес кон развојот на американското општество и кој преку својата лична истрајност, жртвување и успех помагаат САД да остане на чело на науката, бизнисот, спортот, истражувањата во здравството и на безброј други важни полиња.

 1. И покрај толку години поминати во туѓина, што е она што ве поттикнува да бидете активни на политичката сцена во Македонија?

-Текстот продолжува по рекламата-
  • Јас сум човек кој е тесно поврзан со својата Татковина. Иако веќе подолго време живеам и работам во САД, љубовта кон мојот роден крај никогаш не се намали. Моите корени се од село Марул-прилепско, каде го поминав своето детство. Чувствувам должност да помогнам во мојата родна земја, бидејќи таа била дом на моето семејство, место каде сум израснал и сум се изградил во личност каква што сум. Човек кој не ги почитува своите корени е човек без идентитет. Затоа, никогаш нема да престанам да се грижам за мојата Македонија, посебно бидејќи сум во позиција во која можам да го направам тоа.

2. Која е вашата цел што сакате да ја постигнете преку Вашето политичко дејствување?

  • Политички сум активен од моментот на стапнување на Американско тло со цел остварување на мојот сон, независна, самостојна, обединета и силна Република Македонија. Зачувувањето на македонскиот идентитет, јазик и култура, како и подобрување на квалитетот на живот во нашата држава е битката која ја водам со децении. Моето делување е фокусирано и на демократската и политичка битка за нашите браќа и сестри Македонци во Егејска, Пиринска Македонија и регионите во Пустец, Голо Брдо, Гора, Мала Преспа, Тирана, со акцент на неопходноста, нивниот и гласот на целата Македонска Дијаспора, да биде соодветно вреднуван и да ни се овозможи застапеност во политичкиот живот во Татковината, сразмерно со нашето влијание во светот.

 

3. Македонската Влада на СДСМ и ДУИ минатата година, со потпишување на Преспанскиот договор го промени своето уставно име. На оваа тема жестоко реагиравте. Кој е Вашиот став денес, кога уставното име на нашата држава е Република Северна Македонија?

  • Овој состав на македонското Собрание тргна против волјата на македонската нација. На 30ти септември 2018 година, повеќе од 700 илјади граѓани се спротивставија на предавство со Грција. Мојот став е ист како и пред скоро две години, национално понижување не е решение, а истото се докажа веднаш по потпишувањето на капитулацијата. Имено, и двата наши соседи опстојуваат на идиотската теза дека македонската нација е вештачка творба создадена од Тито после 1944. Никогаш нема да го признаат Македонскиот идентитет. Затоа Бугарија настапува со ултиматум – или признајте дека Гоце Делчев е Бугарин или нема ЕУ. Нашата држава е цел на досега невиден политичко-општествен терор за да се принуди македонскиот народ на целосно обезличување. Немакедонската Влада на Зоран Заев се дрзна да избрише патос со волјата на народот кој не им даде мандат да го менуваат вековното македонско име и да го раздаваат македонскиот национален идентитет. Ветувањата на немакедонската Влада за брз просперитет по потпишувањето на срамниот договор паѓаат во вода, бидејќи верувајте ми не е можна светла иднина со мрачна историја на предавство. За распродажбата на Македонија, Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Никола Димитров и сите предавници ќе им суди народот, а тоа ќе го сфатат на следните парламентарни избори.

4. Добрососедски односи без реципрочна основа. Кој е Вашиот став за Македонско-Бугарските односи, барањата на Бугарија, молчењето на Македонија?

  • Секогаш сум се залагал за добрососедски односи со Бугарија бидејќи не призна под уставното име. Сепак, за добрососедски односи потребна е взаемна почит и разбирање. Бугарската Влада ја осети слабоста на тогашниот премиер Заев и посегна по остварување на соништата за Сан-стефанска Бугарија. Во Македонија владее човек кој ја потхранува тезата дека ние сме ист народ со две држави, владиката Наум кој е во блиски релации со семејството Заеви побара Бугарската Православна црква да стане црква-мајка на Македонската Православна црква. Ова покажува какви апсурдни потези се повлекуваат бидејќи сите знаеме дека нашата Охридска Архиепископија е една од најстарите православни цркви и ваков пристап не ни е потребен. Бугарските власти никогаш немале искрен пристап за да се затворат отворените прашања што ги отпретуваат нашите билатерални односи со децении. Тие свесно продолжуваат да не признаваат дека во Пиринскиот дел кој е неправедно одземен со Букурешкиот договор од 1913 година, живеат Македонци кои говорат македонски јазик. Ние не можеме да ја фалсификуваме историјата, не можеме да прифатиме дека Гоце Делчев и Даме Груев се Бугари, а Илинден бугарски празник. Она што дополнително загрижува е тоа што провокациите од бугарската страна не стивнуваат. Нивната големо националистичка и асимилаторска политика за негирање на македонскиот национален идентитет резултираше со кукавичка резолуција Европскиот Парламент да признае дека во Албанија, во регионите на Преспа, Голо Брдо и Гора, каде македонците се единствено доминантни, непостоечки живејат Бугари. Поради сето ова мојот став е јасен, Македонија еднострано треба да го раскине договорот за добрососедски односи со Бугарската Влада.

 

5. Нашата држава ќе биде членка на НАТО, а се зголемуваат шансите за добивање датум за преговори со Европската унија во март. Кои се Вашите гледишта на овие придвижувања кон остварување на европските перспективи на државата?

  • Според мене реформата на преговарачката процедура е само алиби за да се стави крај на проширувањето на унијата. Македонија во март и да добие датум за преговори никогаш нема да стане членка на ЕУ во постоечкиот формат. Од друга страна ја разбирам позицијата на Хрватска која како актуелен претседавач со ЕУ искрено се обидува да ја држи “жива“ евро перспективата на западниот Балкан. Граѓаните на Република Македонија стануваат се повеќе алергични на ЕУ лицемерието. Една теренска анкета на МЦМС и ИДСЦС покажува дека дури 55,8% од испитаниците категорично покажуваат да не се имплементира срамниот договор од Преспа, без разлика на исходот со ЕУ, а 21,8% се за нови алтернативи различи од ЕУ. Да не се залажуваме членството во НАТО алијансата не може да биде лек за неуспехот на ветената брза интеграција во ЕУ. Членувањето во НАТО алијансата само по себе си носи свои придобивки на кои треба да бидеме горди, но сепак истото повторувам, не може да биде алиби за националното предавство кое го направи немакедонската Влада на Зоран Заев. Во Македонија дојдено е време за нова политичка доктрина. Времето на политичарите кои се навикнати да ја веднат главата пред ЕУ бирократите им завршува. На македонците им е потребно цврсто лидерство и враќање на националните вредности.

6. Пред два месеци испративте отворено писмо до претседателот на државата, Стево Пендаровски. Реагиравте на неговата изјава дека би се отселил од Македонија. Вие сте иселеник, можете да ни кажете што точно сакавте да порачате?

  • Верувам дека поради моето животно искуство многу добро знам зошто младите бегаат од Татковината, но пред да ви го објаснам мојот став сакам да укажам дека во 70-те години од минатиот Век, јас со моето семејство емигрирав во САД бегајќи од комунистичкиот режим. Но, веднаш по стапнувањето на американското тло ја започнав својата мисија за создавање на независна и суверена Република Македонија. И не, не сум постапил исто како што би постапил актуелниот претседател, бидејќи јас по моето отселување во изминативе 27 години, освен со дипломатски и политички средства за подобар живот на граѓаните на Македонија, се борам и со инвестиции. Нешто што не можам кажам дека тој го прави. Нашата младина не се отселува заради мизерните плати, нашата младина бега од земја во која нема надеж, нема пример за да научат како се сака сопствената земја, како се почитува историјата, предците и како се почитува националното достоинство. Конечно, младите не гледаат дека постои праведност во нашата држава, бидејќи нашата мала и сиромашна држава исплаќаше “западни“ плати на Катица Јанева, а нејзиниот и учинокот на институцијата која ја претставуваше е нула. Нема правда, нема мир е парола која сеуште може да се користи во нашата држава. Младите бегаат заради срамниот став на актуелните политичари за Гоце Делчев затоа што гледаат дека нема никој храброст да им каже на Борисов, Каракачанов и Ковачев дека Бугарија во Втората Светска војна била на погрешна страна, на страната на фашизмот со Хитлер и Мусолини. Македонската младина сфаќа дека ниеден политичар не застана на страната на нивните баби и дедовци чии семејства се раселени низ Светот, чии домови биле одземени и животи изгубени. Затоа, на Татковината и се потребни луѓе што нема да земаат, туку ќе му даваат на народот, луѓе домаќини, професионално изградени и успешни кои нема да гледаат на државниот буџет како на лично чекмеџе за богатење. Разликата помеѓу мене и претседателот на државата е тоа што јас ги сфаќам и делувам да ги надминеме овие проблеми, а тој ги игнорира или народно кажано ги става под тепих. За жал, имаме претседател кој слепо верува на погубните и срамни политики на СДСМ и ДУИ со кои ја продадоа Татковината.

 

7. Реформа на изборниот модел – решение за проблемите на македонските граѓани или фарса?

  • Секако, решение. Промената на изборниот модел ќе обезбеди баланс на моќта меѓу големите и помалите политички чинители, кои стануваат клучен фактор за развојот на демократските односи и политичкиот дијалог во Татковината. Црно-белата политичка мапа не ни донесе ништо добро. Ја поздравувам иницијативата за промена на изборниот модел, а фактот што се работи за пратеници на владејачкото мнозинство ми дава надеж дека притисокот врз најодговорните политички фактори дополнително ќе расте. Промената на изборниот модел со која во основа ќе се дефинира една, наместо досегашните шест изборни единици, заедно со принципот на отворени листи, без изборен праг е од суштинска важност за развој и унапредување на македонската демократија. Оваа промена на изборниот модел која ќе обезбеди вклучување на гласовите на дијаспората конечно ќе ги затвори сите дилеми во врска со изборниот легитимитет на претставниците на дијаспората во македонскиот Парламент. Сите високо развиени држави креираат стратегии за унапредување на врските со иселениците. На нашата Татковина и е потребна долгорочна државна стратегија за привлекување на поновите генерации Македонци од дијаспората кои треба да бидат мотивирани да земат активно учество во општествено-политичкиот живот во Татковината. Само така може да се градат уште посилни партнерства за обединета и силна Македонија.

 

8. Во новата 2020 година македонската политичка сцена доби нова техничка Влада која треба да ги спроведе претстојните предвремени парламентарни избори. Што очекувате?

  • Формирањето и функционирањето на “институцијата“ техничка Влада е резултат на Пржинскиот протокол кој беше наметнат поради предизвиканата маратонска политичка криза од страна на СДСМ. Оваа партија едно зборува во опозиција, а друго прави кога е на власт. Опструирањето и блокирањето на надлежностите на опозициските функционери во техничката Влада демонстрира страв и иницира дека СДСМ сака нешто да сокрие. Жестоките напади кон министерката Рашела Мизрахи ја ужасна западната демократска јавност и ја вознемири Еврејската заедница. Аферите за оценување на личните квалификации на опозициските кадри, опструкциите во кадровското екипирање на МВР, тензичното функционирање на министерствата во кои има технички министри заедно со иницираната дебата дека нема веќе потреба од техничка Влада е доказ дека СДСМ лажно се претставува за демократска власт. Што се однесува до моите очекувања од претстојните предвремени парламентарни избори, очекувам и сум убеден дека македонскиот народ ќе ја казни расипничката недржавна и малцинска гарнитура на чело со СДСМ и Зоран Заев.  Доаѓа време во кое ќе треба да работиме вистински на концептот на силна нација. Повторувам, на Татквоината и е потребна нова политичка доктрина. Решавање на внатрешните слабости, правда, економија, здравство и образование. Надворешно да се проектираме како единствена вистинска оаза на нашиот најголем стратешки сојузник САД. Враќање на се што е Македонско и свето назад, со сите атрибути и без компромис.  Македонската нација на 12 април ќе го испорача своето!
Loading...
Совет за етика во медиуми

Реклама
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ приморано гласале за „Северна“, во НАТО нема веќе да ја игнорираат придавката, а ќе се борат против корупцијата

4NEWS.mk

Борче Ристевски жали што си ја убил својата сопруга , а неговата ќерка Сара ќе го сака и кога ќе се врати дома

4NEWS.mk

Словенечките медиуми за распуштањето на Собранието и разрешувањето на Мизрахи

4NEWS.mk

МВР со детали за двојното убиство во казино во Скопје

4NEWS.mk

Патеките и летниковците на велешко езеро „Младост“ од годинава секојдневно ќе се одржуваат

Македонија

ВИДЕО: Со 80 „За“ и 6 „Против“ изгласан законот за јавно обвинителство

Македонија

Џеват Адеми до ВМРО-ДПМНЕ: Најдовте не -Mакедонка, жена, да ви го брани името Македонија, мажите од ВМРО-ДПМНЕ се кријат

Македонија

Талат Џафери: Моментот кога ми се јави Никола Тодоров да ме праша во која канцеларија е Зијадин Села, ми остави најголем впечаток

Македонија

Дескоска до Милошоски: Тоа што го пуштивте пред некој ден не беше бомба, туку обична петарда

Македонија

Премиерот бара разрешување, Царовска молчи, Мизрахи вели не добила буџет од Владата за промена на таблата

Реклама
WP2FB Auto Publish Powered By : XYZScripts.com