Беспилотно летало за малку ќе го удреше авионот со кој патуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски додека тој полетуваше од Молдавија. Зеленски патуваше за Осло на погребот на покојниот норвешки крал Харалд, а деталите за инцидентот ги откри норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе за државниот радиодифузер НРК.
„Беспилотно летало за малку ќе го удреше неговиот авион додека се подготвуваше за полетување од Молдавија. Тоа е реалноста со која се соочува тој“, рече Сторе.
Норвешкиот премиер го опиша и разговорот што го имал со украинскиот претседател. „Го прашав како му поминала ноќта, а тој одговори дека не била добра бидејќи постојано бил на телефон, добивајќи вести за тоа каде паднале ракети низ Украина. Ситуацијата е многу драматична и остава силен впечаток“, изјави Сторе.
Зеленски пристигна во хотелот „Плаза“ во Осло вчера околу 21 часот, каде што се сретна со Сторе и со норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Ајде. Средбите продолжија и во средата, при што претставници од кабинетот на норвешкиот премиер повторно се сретнаа со украинскиот претседател.
Украинскиот претседател изјави дека разговара за капацитетите за противбалистичка одбрана со Норвешка и Канада. „Нашата слаба точка се капацитетите за противбалистичка одбрана. Треба да станеме посилни. Сакам да одржам средби и во Норвешка и во Канада. Мораме да развиеме сопствен систем за противбалистичка одбрана“, рече Зеленски.