Иран соопшти дека Ормускиот теснец е повторно „целосно отворен“ за комерцијален бродски сообраќај, но само за времетраењето на прекинот на огнот во Либан.
Прекинот на огнот, кој е поддржан од САД, стапи во сила доцна вчера попладне по локално време, а веднаш потоа следуваше и најавата од Техеран за нормализирање на поморскиот сообраќај низ овој клучен енергетски коридор.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи објави дека одлуката се однесува на сите комерцијални бродови, со што се овозможува повторен проток на нафта и други стоки преку теснецот.
„Во согласност со прекинот на огнот во Либан, преминот за сите комерцијални бродови низ Ормускиот теснец е прогласен за целосно отворен за преостанатиот период на прекин на огнот“, напиша Арагчи на социјалната мрежа X.
Сепак, од Техеран нагласуваат дека движењето на бродовите ќе биде строго контролирано и координирано.
„Бродовите мора да пловат „по координираната рута како што веќе е објавена“ од Иран“, додава министерот.
Ормускиот теснец е една од најважните светски поморски рути за транспорт на енергенси, па секоја промена во неговиот статус има директно влијание врз глобалните пазари и безбедноста на снабдувањето.
