Свет

Исланд: Силна вулканска ерупција во близина на Рејкјавик, тече силна лава!

Исланд: Силна вулканска ерупција во близина на Рејкјавик, тече силна лава!

По неколку недели интензивни земјотреси, се случи вулканска ерупција на полуостровот Рејкјанес на југозападниот дел на Исланд.

Околу 4.000 луѓе беа евакуирани од рибарскиот град Гриндавик, кога беше затворена и блиската геотермална бања Blue Lagoon.

Ерупцијата започна северно од градот во 22:17 часот по локално време, соопшти исландската метеоролошка служба.

Од крајот на октомври интензивни земјотреси го погодија регионот околу главниот град Рејкјавик.

Метеоролошката служба наведува дека ерупцијата започнала на четири километри северно од Гриндавик и се движи кон градот.

Сликите и видеата објавени на социјалните мрежи покажуваат лава како избива од вулканот само еден час по снимениот земјотрес.

Ерупцијата може да се види и од Рејкјавик, кој е на околу 42 километри североисточно од Гриндавик.

Еден локален жител изјавил за Би-Би-Си дека половина од небото во правец на градот било „осветлено во црвено“ од ерупцијата, додека чад се шири низ воздухот.

Полицијата ги предупреди луѓето да се држат настрана од областа.

Должината на пукнатината во вулканот е околу 3,5 километри, а лавата тече со брзина од 100 до 200 кубни метри во секунда, соопшти метеоролошката служба, додавајќи дека тоа е неколку пати поголема брзина во споредба со претходните ерупции.

Видир Рејнисон, висок полицаец на Цивилната одбрана, изјави за јавниот сервис RUV дека ерупцијата се случила брзо и дека изгледала како „прилично голем настан“.

Тој додаде дека се чини дека лавата тече во сите правци од вулканската пукнатина.

Бјарни Бенедиктосн, министер за надворешни работи на Исланд, на социјалната мрежа Х напиша дека „авиосообраќајот се одвива без пречки и дека меѓународните летови остануваат отворени“.

„Малавите лава се доста високи, па изгледа како силна ерупција“, додаде тој.

Кетрин Јакобсдотир, премиер на земјата, тврди дека неодамна изградените брани ќе бидат корисни.

Таа додаде дека нејзините мисли се со локалното население и дека се надева на најдоброто.

Претседателот Гудни Јоханесон вели дека приоритет е да се заштитат луѓето, но дека се работи и на зачувување на инфраструктурата.

Ерупцијата на вулканот Ејафјалајкидал во 2010 година го запре воздушниот сообраќај низ Европа, најголемото исклучување од Втората светска војна.

Проценетата вредност на загубите во тоа време беше меѓу 1,5 и 2,5 милијарди евра.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни