Истекува рокот што САД и ЕУ му го дадоа на Курти за исполнување на барањата за северот од Косово

Рокот што САД и ЕУ му го дадоа на косовскиот премиер Албин Курти истекува денеска, а специјалниот пратеник на Вашингтон за Западен Балкан Габриел Ескобар изјави дека доколку Курти не прифати три услови за смирување на ситуацијата на северот на Косово, тогаш тоа значи дека не сака соработка со ЕУ и САД и дека не може да помине без последици.

Ултиматумот му го дале американскиот претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар и претставникот на ЕУ за дијалог меѓу Косово и Србија Мирослав Лајчак на средбата во понеделникот вечерта.

На средбата, од Курти беше побарано следново: деескалација на теренот, што поскоро одржување на избори на север и враќање на дијалогот и процесот на нормализација.

Состанокот се одржа во понеделникот, но крајниот рок беше објавен во вторник попладне, за време на состанокот што специјалниот американски пратеник Габриел Ескобар го одржа со претставници на медиумите.