Свет

ИСТОРИСКИ ЧЕКОР НА ВАШИНГТОН: САД привремено ги ублажија санкциите и ја одобрија продажбата на иранска нафта

ИСТОРИСКИ ЧЕКОР НА ВАШИНГТОН: САД привремено ги ублажија санкциите и ја одобрија продажбата на иранска нафта

Вашингтон го ублажи повеќедецениското ембарго за Техеран во замена за гаранции за нуклеарни инспекции и слободен транзит низ стратешкиот Хормушки теснец.

Соединетите Американски Држави во понеделникот ја одобрија продажбата на иранска нафта, што претставува значајно олеснување на санкциите кои траат со децении. Овој чекор е преземен со цел да се постигне конечен мировен договор со Техеран, во замена за обврските на Иран да дозволи нуклеарни инспекции и да гарантира слободен транзит на бродови низ стратешкиот Хормушки теснец.

Општата дозвола, објавена од американското Министерство за финансии, овозможува продажба на сирова нафта, како и на петрохемиски и нафтени деривати со иранско потекло. Оваа привремена лиценца ќе биде со важност до 21 август.

Враќање на пазарот по безмалку половина век

Во издадената лиценца се наведува дека иранската нафта може да се увезува во САД секогаш кога тоа е потребно за да се реализира продажбата, испораката или истоварот. Соединетите Држави немаат направено позначаен увоз на нафта од Иран уште откако Вашингтон ги воведе првите рестриктивни мерки по Исламската револуција во 1979 година.

„Во согласност со тековните продуктивни разговори кои се водат во Швајцарија, Иран се обврза на слободен и отворен транзит во Хормушкиот теснец и вети дека ќе им дозволи на инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) влез во земјата“, напиша американскиот министер за финансии, Скот Бесент, на социјалната мрежа Х.

Министерот Бесент појасни дека, како дел од договорената рамка, Министерството за финансии издало привремена општа дозвола во траење од 60 дена, со која се одобрува комплетното производство, испорака и продажба на иранската нафта.

Плаќање во долари, исклучок се Куба, Северна Кореја и Крим

Според меморандумот за разбирање што беше потпишан минатата недела меѓу Вашингтон и Техеран, САД се согласија да издадат изземање од санкциите за извоз на иранска сирова нафта, нафтени деривати и за сите поврзани услуги, што ги вклучува и банкарските трансакции, осигурувањето и транспортот.

Според лиценцата, плаќањето на средствата кон Иран ќе може да се врши во американски долари. Сепак, ублажувањето на мерките не е универзално – Куба, Северна Кореја и Крим се изрично изземени од оваа лиценца и за нив забраните остануваат на сила.

Вашингтон за првпат воведе санкции против Иран во 1979 година, кога револуционерните студенти ја зазедоа американската амбасада во Техеран и ги држеа дипломатите како заложници. Оттогаш, во изминатите децении беа наметнати бројни дополнителни санкции поради развојот на иранската нуклеарна програма и поддршката што Техеран им ја дава на групите кои САД ги сметаат за терористички организации.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни