Австриската полиција ги истражува биографиите на напаѓачите од Виена, од кои тројца се од Северна Македонија. ТВ21 дојде до идентитетот на две од трите момчиња за кои австриските власти побараа соработка и повеќе детали од нашето Министерство за внатрешни работи. Двајцата се родени во Виена, едниот 1998, а другиот 2001 година, а по потекло се од Скопје.
Неофицијално се дознава дека истрагата освен во Австрија, ќе се прошири и во Северна Македонија, но и во другите земји од каде потекнуваат веќе уапсените напаѓачи, од кои двајца од Косово. ТВ21 дозна дека ќе се бараат детали за нивните контакти и можното влијание врз други лица кои можеби биле дел од групата, со цел во иднина да се спречат вакви напади во Европа.
Но, колкав е ризикот терористичките напади да не запрат?
Професорот по безбедност, Марјан Ѓуровски, вели дека во Македонија сѐ уште се проповеда радикализам.
Ѓуровски смета дека нашата, но и сите други држави можат да направат повеќе обиди за ресоцијализација на луѓето кои имале поврзаност или пак биле членови на екстремистички групи.
Потсетуваме дека и напаѓачот во Виена, 20-годишниот Кујтим Фејзули, е еден од оние кои во 2019 година беше фатен во Турција во обид да ѝ се приклучи на Исламската држава. Осуден е на 22 месеци затвор, но бил ослободен условно, бидејќи врз основа на неговата возраст спаѓа во групата на полесно законодавство за помлади прекршители. Инаку, Словачката полиција пред неколку месеци ја предупредила Австрија дека напаѓачот Кујтим Фејзули се обидел да купи оружје во Словачка, но не успеал во тоа.
.
