Истрага во супстандардни услови: Обвинителите без возила и дактилографи го расветлуваа случајот „Пулс“

Расветлувањето на трагедијата во Кочани се одвивало во исклучително тешки технички услови, но со максимална професионалност на обвинителите, кои работеле и за викенди и празници за да се запазат роковите. Бројот на вклучени обвинители постојано растел, од првичните 5 стигнувајќи до 13, бидејќи тимот имал рок од само 90 дена за подигнување на обвинението поради изречените мерки притвор.

„Немавме автомобили да идеме во Кочани, па баравме од полицијата… немавме доволно дактилографи, доаѓаа дактилографи од Штип,“ ги открива Коцевски предизвиците со кои се соочувало Обвинителството на терен.

Се вчитува...

Посебен и исклучително емотивен предизвик биле средбите со револтираните семејства на жртвите. Иако првично во болницата имало отпор да се предадат телата, Обвинителството успеало да постигне разбирање со родителите дека обдукцијата е нужна за да се утврди точната причина за смртта како клучен доказ. Одржани биле вкупно три средби со родителите – една во зградата на Јавното обвинителство во Скопје и две во Кочани. На овие средби, каде присуствувал и директорот на Судска медицина, транспарентно биле одговорени сите нивни прашања.

Коцевски во интервјуто за 4ТВ додава дека трагедијата оставила трајна лузна и кај него лично, најавувајќи дека претстојната сабота со своето семејство ќе замине во Кочани да запали свеќа за жртвите како своја морална должност.