Македонија

Истрага за двојна наплата на здравствени услуги, опфатени вработени од приватна установа и од ФЗО

Истрага за двојна наплата на здравствени услуги, опфатени вработени од приватна установа и од ФЗО

Полициска акција и претреси на повеќе локации во Скопје, Тетово и Куманово се спроведуваат во рамки на истрага за финансиски злоупотреби во дел од здравството.

Станува збор за злоупотреба на средства од Фондот за здравствено осигурување, при што одредена здравствена услуга била наплатувана двапати – еднаш од Фондот, а вторпат од пациентите по приватни цени.

Во истрагата, се опфатени двајца вработени од приватна здравствена установа и тројца вработени од Фондот за здравствено осигурување.

Од МВР пот дека „полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи вршат претреси на повеќе локации низ државата во координација со надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во рамки на истражен процес за финансиски злоупотреби во дел од здравството“.

Министерот за здравство Саша Клековски изјави дека акцијата била спроведена по негова иницијатива, уште додека бил директор на Фондот за здравствено осигурување. Тој рече дека истрагата траела подолг период.

„Мислам дека е повеќе од една година истрага. Во основа во акцијата е вклучена една приватна здравствена установа која имаше договор со Фондот за здравствено осигурување и неколку лица од Фондот за здравствено осигурување. Станува збор за злоупотреба на средства од Фондот за здравствено осигурување“, изјави Клековски.

Тој додаде дека, според неговите сознанија, станува збор за повторувачки прекршоци.

„Јас бев иницијатор на истрагата, бидејќи станува збор за здравствена установа која имаше повторувачки прекршоци со години. Значи не е еднаш, два пати, три пати, туку постојано повторување на слични прекршоци за кое не било соодветно казнувана“, рече Клековски.

Повеќе детали за случајот се очекуваат по завршување на полициската акција. Засега, од МВР само потврдуваат дека се вршат претреси на повеќе локации низ државата во координација со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио за изборите во Србија и Бугарија со Синиша Пекевски, Игор Бесермењи и Румен Скрински

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни