Истражување: Јадрото на Земјата речиси и не се врти

Ротацијата на внатрешното јадро на Земјата, се чини, е речиси целосно застаната и/или тоа сега би можело да оди и во обратна насока, посочува ново истражување на Универзитетот на Пекинг, Кина.

Земјата е составена од кора, полуцврста обвивка, внатрешно и надворешно јадро. Внатрешното јадро се наоѓа на околу 5.150 километри под Земјината кора и е одвоено од обвивка со течното надворешно јадро, коешто му овозможува на внатрешното јадро да се врти со различна брзина од ротацијата на самата Земја. Со радиус од речиси 3.540 километри, јадрото на Земјата е приближно големо, на пр. колку Марс. Се состои главно од железо и никел и содржи околу една третина од масата на планетава.

Во истражувањето објавено во списанието „Нејчр џиосајенс“ (Nature Geoscience), Сијаодонг Сонг, професор на Универзитетот на Пекинг, и Ји Јанг – соработник во истражувањето, ги проучувале сеизмичките бранови од земјотресите кои минале низ јадрото, со цел сознанија за тоа – колку брзо се врти тоа внатрешно јадро?

Со помош на ласерот „ЛЛР“ активен од јуни до септември 2021 година откриено е дека можеби вртењето на внатрешното јадро е „на пауза“, велат научниците.

Вртењето на внатрешното јадро е управувано од магнетното поле генерирано во надворешното јадро и избалансирано од гравитационите ефекти на обвивката. Овие податоци може да фрлат нова светлина на тоа – како овие слоеви се поврзани и други процеси длабоко во Земјата.

Сепак, научниците истакнуваат дека „ништо катаклизмично“ не се случува.

„Покажуваме изненадувачки забелешки што укажуваат дека внатрешното јадро речиси престанало со својата ротација последново десетлетие и може да почне да се врти наназад“, се вели во научниот труд.

– Кога ќе ја погледнете декадата 1980 – 90 година, гледате јасни промени, но кога ќе ја видите од 2010 до 2020 година, не гледате многу промени, додаде Сонг.

Хрвоје Ткалчиќ, геофизичар од Националниот универзитет на Австралија и автор на написот „Внатрешното јадро на Земјата: Нови сознанија од опсервациската сеизмологија“, смета дека „анализата на податоците од трудот е солидна“, но сепак, на овие наоди „треба да им се пристапи внимателно“. Сонг и Јанг се согласија дека се потребни пообемни истражувања.

– Предметите на нашиот труд се „закопани“ илјадници километри „под нашите нозе“. Ние користиме геофизички методи за да ги осознаеме внатрешните својства на Земјата и мора да се внимава додека мултидисциплинарни наоди не ги потврдат нашите хипотези преку концептуални рамки. Може да ги гледате сеизмолозите како „лекари“ кои ги проучуваат внатрешните органи на телото на „пациентот“, користејќи несовршена или ограничена опрема. Значи, и покрај напредокот, нашата слика за „внатрешната Земја“ сè уште е матна, и сè уште сме во фаза на нејзино откривање, изјави Ткалчиќ.

Тој нагласи дека потребни се уште повеќе испитувања и поиновативни научни методи за да се расветли овој за науката интересен проблем.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното